Малиот Ним ќе го предизвика ПСЖ во финалето на францускиот Куп

ПСЖ и Ним ќе играат во финалето на францускиот ракометен Куп, титула која минатата година ја освои Нант. Во полуфиналните натпревари „светците“ од Париз ја оправдаа улогата на фаворит и го победија Шамбери на Ивица Обрван на гостински терен со 24-27.

Најефикасни поединци во таборот на Нока Сердарушиќ беа крилата Абало и Генсхајмер со по четири гола, а на голот Контрерас собра девет одбрани во одлучувачката фаза од натпреварот. Кај поразената екипа се истакна Фахрудин Мелиќ со шест гола.

Големо изненадување приреди Ним, кој го совлада лидерот во шампионатот Монпелје со 32-30 и ќе игра за титулата. Ракометарите на Ним во полуфиналето влетаа откако на „зелена маса“ добија преигрување на последните десет минути од четвртфиналниот дуел со Нант, но по одлуката и инсистирањето да се игра во термин со збиени натпревари, Нант се откажа од доигрување и му го препушти местото во полуфиналето на Ним.

Финалниот натпревар во „Акор Хотел Арена“ во Берси, Париз се игра на 5 мај.