• Иван Димовски
Ракометарите на Барселона го освоија трофејот во Лигата на шампионите, па по дванаесетти пат се искачија на кровот на Европа. Каталонскиот гигант е најтрофеен клуб во натпреварувањето, а овојпат во финалето по драма го победија дански Алборг со 30-31.
По освоениот трофеј својот став и задоволство не го криеше Домен Макуч. Средниот бек нагласи дека хемијата е на врвно ниво во тимот.
„Ова е сезона во која патевме од почетокот, имавме повреди и заминувања на дел од играчите. На крајот дојдоа нивни замени кои направија чекор напред. Видовме дека сè може да се случи во Келн. Во четири гопдини ова ни е трета титула, се надевам одиме напред.
Кога се повредив, не размислував дека ќе бидам тука. Ова за мене е премија да сум тука со тимот, да можам да помогнам на било кој начин. Хемијата е навистина добра. Во Барселона се работи добро, навистина секој играч што ќе дојде се вклопува бргу. Екипа сме и надвор од теренот, се дружиме и надвор од теренот, а тоа помага и на теренот“, изјави Макуч.
23-годишниот среден бек од 2020 година е во Барселона, а на стартот на сезоната имаше тешка повреда. Сепак, успеа да се врати и да му помогне на тимот да дојде до нов трофеј.