• Зоран Мишевски

Ракометарите на МАКС Струмица нема по ништо добро да го паметат своето прво учество во регионалната СЕХА лига во ракомет. Тие без ниту една победа го завршуваат првиот свој настап, а последната можност е пропуштена денес во мечот во спортската сала „Парк“ од каде бодовите ги однесе Нексе Нашице, кој славеше со 20-30 (10-14).
Момците на Ванчо Каранфилов се обидоа да наметнат игра со мал број на голови и во некоја мера успеаа тоа да го направат. Сепак физички паднаа во последните 10 минути и од тесен поразот од Хрватите, испадна убедлив (20-30).
Во екипата на Нексе Нашице најефикасни беа Ведран Зрниќ со 10 гола од исто толку обиди и Албин Етер со 6 погодоци, исто така без промашување. Кај МАКС Струмица се истакнаа Мајиќ со 9 и Милосављевиќ со 7 гола. Само со два нерешени натпревари, екипата од Струмица која сезоната ја започна со Андонов, а ја заврши со Трендафилов на клупата, постави негативни рекорди во натпреварувањето.