МАКС Струмица: Приходите од дуелот со Нексе за помош на Стоилков!

Актуелниот ракометен вице-првак МАКС Струмица со дуелот в недела против Нексе, кој започнува од 18.00 часот ќе ги заврши настапите од тековната сезона во СЕХА лигата. Од клубот потајно се надеваат дека токму против составот од Хрватска, на последниот натпревар од сезоната може да дојдат до првата победа.

Како што и претходно беше најавено сите купени билети за натпреварот со Веспрем важат и за натпреварот во недела против Нексе. За сите други останати кои немат купено билет, а ќе сакаaт да го погледнат мечот во живо, билет може да набават на билетарата пред сала „Парк“. Цената на билетот ќе ја одредат самите гледачи кои што со донирање на средства во кутијата за донации која ќе биде поставена на самата билетара ќе си купaт влезница за натпреварот.

„Заедно да му помогнеме на Кристијан да застане повторно меѓу стативите, а за возврат ќе можете да уживате за последен пат оваа сезона во европски ракомет во Струмица“, стои меѓу другото во соопштението на МАКС Струмица.

Средствата ќе бидат наменети за младиот голман на ФК Хоризонт Турново, Кристијан Стоилков, кој како што е познато доживеа тешка повреда на главата и му е потребна рехабилитација во странство.