• Симеончо Стоиков

Струмичкиот ракометен суперлигаш, кој изминатата сезона настапуваше во СЕХА лигата, МАКС Струмица многу веројатно нема да ја започне новата сезона, со оглед на лошата финансиска ситуација и заминувањето на играчите. Од денес клубот нема ниту тренер, откако оставка си поднесе Ванчо Трендафилов кој зимава ја презеде клупата од Марјан Андонов.
„Требаше да играме во Европа, бевме трети во државава, сега дури може и од Супер лигата да се откажеме и да не играме, жално е за играчите. На денешен ден полнам 40 години откако се занимавам со ракометот, жалосно и трагично е тоа што се случува за струмичкиот ракомет, но тоа е вистината”, изјави Трендафилов за локалните медиуми.
Како што е познато, сите поискусни ракометари го напуштија клубот по крајот на сезоната, тотално разочарани без исплатени плати во пролетниот дел од сезоната, а во исто време нема најави ниту за старт на подготовките за новата сезона.