• Мартин Танасковски

Македонија по распадот на ЖРК Вардар остана без претставник во ракометната елита, а оваа година може да се пофали со две интернационалки, кои во рамки на второто коло ќе играат една против друга.
Дуелот во Лигата на шампионите ќе биде средба на „летечките крила“ Сара Ристовска и Јована Саздовска. Првата ги брани боите на Крим Меркатор, додека втората е дел од германски Турингер. Колешките од репрезентацијата одат една против друга и ќе бараат први бод(ови) во ракометната елита.
Турингер во првото коло од Лигата на шампионите загуби од Подравка (26-28), додека Крим убедливо беше поразен кај еден од фаворитите за круната, Ѓер (23-39). Саздовска на првиот дуел даде еден гол, додека Ристовска во Унгарија исто така даде еден погодок.
„Македонското дерби“ во Лигата на шампионите меѓу Крим и Турингер се игра в сабота од 18:00 часот.