• Иван Димовски
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја закажа ждрепката за следното Европско првенство кај дамите, на кое ќе настапи и репрезентацијата на Македонија. Нашите девојки по претходното учество на континенталниот собир како домаќинки, сега преку квалификациите изборија пласман на турнирот кој ќе ес одржи во Австрија, Швајцарија и Унгарија.
Извлекувањето за групната фаза на Европскиот шампионат е закажан за на 18 април во 18:00 часот во Виена. Досега освен селекциите домаќини, место на турнирот обезбедија уште десет репрезентации, меѓу кои и Македонија. Норвежанките се тука како претходен шампион, додека досега од квалификациите кои сè уште се во тек, се пласираа Данска, Шведска, Холандија, Романија, Франција, Црна Гора, Хрватска и Шпанија која беше со нас во групата.
Европското првенство беше променето, наместо досегашните 16, на следниот турнир ќе играат 24 репрезентации поделени во шест групи, а само првите две одат во главната фаза. Македонија не се прослави на претходниот турнир, иако групата ја играше дома. Среќата посака ривалки да ни бидат селекциите на Франција, Холандија и Романија, кои се сили во овој спорт, па Македонија претрпе три порази.
До извлекувањето нашата најдобра женска селекција ја очекува последниот меч од групната фаза против Литванките в недела во СЦ „Борис Трајковски“.