• Мартин Танасковски
Стефанија Мишевска и Андреа Белеска, двете македонски ракометарки кои беа „заглавени“ на аеродром поради затворените граници на Македонија поради коронавирусот, безбедно се спроведени и пристигнаа дома.
Интернационалките кои го носат дресот на шведски Боден подолго беа на аеродромот во Копенхаген, каде иако со чекирани карти, не им било дозволено да пристапат на летот. Сепак, ситуацијата по неколку часа се средила, па двете безбедно се спроведени дома.
Двете ракометарки ќе минат две недели во самоизолација, како стандардна процедура за сите граѓани кои пристигнуваат надвор од нашите граници. Претходно во Македонија се врати и одбојкарот Никола Ѓорѓиев кој исто така е во самоизолација во Струмица.
Од спортистите засега „заглавени“ остануваат боксерите Гоце Јанески и Јасин Лама, кои минатиот викенд, во Лондон, настапија на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во Токио. Спортистите моментално се во хотел и редовен контакт со Боксерската федерација на Македонија, која, пак, чека на помош од Министерството за надворешни работи.