• Иван Димовски
Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе настапи и на следното Европско првенство. Откако на претходното бевме еден од домаќините, овојпат нашите девојки се пласираа на континенталниот собир преку квалификациите. Македонија ривалките за ова натпреварување ги дочекаа од третиот шешир.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја одржа ждрепката за групната фаза на ова натпреварување во своето седиште во Виена. Пред извлекувањето беше јасно дека Македонија не може да се судри со Словенија, Хрватска, Полска, Исланд и Србија, кои беа во истиот шешир.
Среќата посака Македонија да влета во групата А, каде што ќе се натпреварува против Шведска, Унгарија и Турција. Натпреварите од нашата група ќе се играат во Дебрецен во Унгарија.
- Извлечените групи за претстојното Европско првенство:
Група А: Шведска, Унгарија, Македонија, Турција
Група Б: Црна Гора, Романија, Србија, Чешка
Група Ц: Франција, Шпанија, Полска, Португалија
Група Д: Данска, Швајцарија, Хрватска, Фарски Острови
Група Е: Норвешка, Австрија, Словенија, Словачка
Група Ф: Холандија, Германија, Исланд, Украина
Европскиот шампионат ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември оваа година. Домаќини ќе бидат три градови, швајцарски Базел, австриски Инсбрук и унгарски Дебрецен.