Македонските кадети не ги искористија шансите и загубија од Шведска на ЕП

Кадетската репрезентација на Македонија го претрпе и третиот пораз на Европското првенство во Белград, откако загуби од Шведска со 29-33. Избраниците на Горан Кузманоски пружија навистина сериозен отпор и беа во игра за добар резултат, меѓутоа недостигаше концентрација во клучните моменти и тоа се одрази на конечниот исход. По овој неуспех нашата селекција продолжува во разигрувањата за пласман.

Тргнавме лошо, Швеѓаните поведоа со подобар влез во натпреварот, меѓутоа македонските ракометари се држеа близу. Пред полувремето скандинавскиот колектив се одлепи на дотогаш максимални 12-18, меѓутоа ние затворивме одлично. Кадетите врзаа голови преку Поповски, Дамчевски и Јовиќ за на пауза да се замине со активни 16-18. 

Така се продолжи и во второто полувреме, кога Шведска ќе помислеше дека прави разлика следуваше наша реакција. Во повеќе наврати резултатот беше четири разлика, меѓутоа пред завршните петнаесетина минути фативме приклучок. 

Останува жалење бидејќи македонските ракометари испуштија дури три напади за израмнување. Тоа Швеѓаните знаеја како да го казнат, па се одржуваа „над водата“ во клучните моменти. Противничкиот голман Доминик Бригестранд блесна со неколку одбранети зицери, меѓутоа нашите момчиња не се откажуваа. До крајот нашите ракометари немаа сили за кам-бек и претрпеа трет неуспех. 

Трајче Костов и Горазд Дамчевски блеснаа со по осум гола, додека со пет мечот го заврши Бобан Поповски. Во шведскиот табор најефикасен со шест реализации беше Филип Пастуховиќ.