• Иван Димовски

Ракометната репрезентација на Македонија за девојки до 20 години со убедлив триумф над САД 32-15 (15-6) го отвори Светското првенство кое се одржува во Скопје. Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ мина целосно во знакот на девојките предводени од Јанев и заврши со навистина висока победа.
Уште од почетокот Македонките тргнаа одлично, со фуриозна игра во нападот и цврста одбрана поведоа веднаш со 7-1. Бргу потоа беше достигната и највисоката предност во првиот дел од 11 гола (14-3), а потоа беше и 15-4. Сепак, пред полувремето Американките анулираа два гола и на одмор се замина со 15-6.
Најсериозниот налет Соединетите Американски Држави го имаше на стартот на второто полувреме, успеа во два наврати да пријде на шест гола разлика. Откако на семафорот стоеше 17-11, Македонија успеа да направи одчична серија од 8-0 и поведе двоцифрено и убедливо. Како што одминуваше времето девојките на Јанев го зголемуваа водството. Највисоката предност која Македонија ја имаше беше 17 гола во три наврати (30-13, 31-14 и финалните 32-15).
Најефикасна македонска ракометарка беше Борјана Коцева која даде девет гола, додека одлична партија одигра и Ива Младеновска со седум реализации.