Македонски ѕид во Бундеслигата: Нова маестрална партија на Томовски за Битигхајм!

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски продолжува со одличните настапи во германската Бундеслига. Битигхајм ја забележа втората победа сезонава, откако на гостувањето кај Гепинген славеше со сигурни 25-29, а значаен придонес во триумфот имаше токму македонскиот чувар на мрежата.

Томовски повторно беше меѓу најзаслужните за успехот на својот тим, завршувајќи го натпреварот со 13 одбрани и 35% успешност. Репрезентативецот уште еднаш покажа дека може да биде клучен фактор во германската елита, одговарајќи на предизвикот со сигурни интервенции во важните моменти.

Битигхајм со овој триумф ја запиша втората победа во новата сезона, а добрата форма на Томовски е одлична вест и за македонската репрезентација во пресрет на квалификациите за ЕП, како и настапот на Светското првенство во јануари.