Македонски судии на дербито ПИК Сегед – Барса, Литванци во Битола

Македонските арбитри Димитар Митревски и Благојче Тодоровски добија уште една задача од Европската ракометна федерација, откако се делегирани да го судат натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу ПИК Сегед и Барселона, кој важи за еден од највозбудливите дуели во европскиот елитен ракомет во рамките на Б групата.

Натпреварот ќе се одигра на 18 февруари во Сегед, Унгарија, како дел од 11. коло. Домашниот тим во моментов се наоѓа на четвртата позиција на табелата, додека Барселона го зазема второто место.

Ден подоцна полскиот гигант Висла Плоцк ќе гостува во Битола, а ЕХФ одреди литвански судии за оваа пресметка. Правдата на средбата во „Боро Чурлевски“ ќе ја делат Томас Барисас и Повилас Петрусис. Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк се игра на 19 февруари со почеток од 20:45 часот.