Македонската У20 репрезентација ги започна подготовките за Европското првенство во Ереван

На точно 39 денови пред почетокот на младинското Европско првенство од дивизијата „Б“, нашите млади кошаркари од селекцијата до години стартуваа со подготовките за она што следува во текот на летниот период.

Селекторот Горан Самарџиев се одлучи за поширок список од 23 кошаркари кои во наредните денови ќе се подготвуваат во салата на СРЦ „Кале“.

„Почнуваме со надеж дека ќе имаме една успешна приказна ова лето. Одлучив да им дадеме шанса на сите потенцијални кандидати, па оттука на првите тренинзи ќе имаме и поголем број на кошаркари.

Оправдано, на почетокот не можеме да сметаме на некои од нив, како Марко Луканоски, кој има обврски со клубот, но очекуваме да се приклучи што е можно порано“, изјави селекторот Самарџиев. 

Покрај него, во стручниот тим на оваа наша селекција се и Душко Јаковчевски како асистент-тренер, како и Трајче Стојанов, кој заедно со Владимир Николовски ќе се грижи за физичката подготовка на кошаркарите. Никола Арсиќ е физиотерапевт, а Дарко Гогов е доктор на младинската репрезентација.      

Нашата младинска селекција ова лето ќе учествува на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 11 до 20 јули ќе се одржи во Ереван. Нашите млади кошаркари се дел од групата „Ц“ заедно со селекциите на Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска.