• Мартин Танасковски
Македонската ракометарка Наташа Нолевска (24) е суспендирана поради вмешаност во допинг афера за време на нејзините настапи во Романија.
Допинг-афера го стресе романскиот ракомет додека Нолевска беше дел од Корона Брашов. Се работи за недозволена ласерска терапија која ја користеле македонската ракометарка и уште 16 други колешки.
Суспензијата за Нолевска изнесува една година и четири месеци, а тоа е најблага санкција во целиот случај. Најтешката санкција ја доби докторот Мариус Капра, кој нема да смее да се бави со спорт четири години.
Казнет е и техничкиот директор Маријана Тарка со две години, а две години и шест месеци суспензија доби поранешниот претседател на клубот Ливиу Драгомир. Најжестоката казна за ракометарка изнесува една година и осум месеци.
Казните за сите инволвирани во случајот се бројат од 25 ноември, ден кога е започнат целиот случај.