„Македонија живее за ракометот, не е лесно да го носиш дресот на Пелистер“!

По четири одлични сезони во македонската Суперлига, носејќи ги дресовите на Прилеп и Пелистер, српскиот голман Милош Рајчиќ се реши својата кариера да ја продолжи во Израел, во редовите на новиот прволигаш Макаби Димона. 

Рајчиќ потекнува од школата на славната Металопластика, но вели дека во Македонија многу повеќе се инвестира во ракометот и среќен е што некогаш заиграл во елитата на македонскиот ракомет. 

„Македонија е ракометна земја, таму сите живеат за ракометот. Минав четири сезони во македонскиот шампионат и можам да кажам дека стекнав големо искуство. Со Прилеп направивме голем успех и игравме во ЕХФ Купот, по што следуваше премин во битолски Пелистер, клуб со голема историја и традиција. 

Не беше лесно да се носи дресот на Пелистер. Многу ракометари кои го носеле тој дрес не можеа да се носат со притисокот, но јас успеав да се справам со тоа и имам одлични две сезони. Ако во Србија на еден или два натпревари во сезоната на трибините има по 2.000 публика, во Битола на секој натпревар има повеќе од тоа. А кога се играа дерби натпреварите, тогаш салата беше исполнета до последно место“, вели српскиот голман. 

По заминувањето од Пелистер, Рајчиќ одреден период играше во Кувајт, па сега ќе биде дел од амбициозниот проект на Макаби Димона.