Македонија вторпат загуби од Србија на контролите во ЕХФ-неделата

Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби и на вториот пријателски натпревар против Србија (35-28) кој во рамки на ЕХФ-неделата се одигра на гостински терен во Бор.

Избраничките на Грчевски не најдоа решение за српската игра и на овој меч и беа поразени по вторпат во два дена од истиот ривал. На првиот контролен дуел Србинките победија убедливо со 34-21, иако ги поштедија најдобрите ракометарки,

Анџела Јанјушевиќ беше најдобра кај победникот со десет гола, пред Дуња Радевиќ со осум гола, додека кај Македонија, Ивана Гакидова, Емилијана Ризоска и Катерина Дамјаноска дадоа по пет гола.

Овие два меча беа дел од подготовките на женската селекција на Македонија за бараж двомечот за пласман на Светското првенство во Холандија и Германија против селекцијата на Полска.

Бараж натпреварите ќе се одиграат на 16 и 19 април и јасно е дека дотогаш ќе мора да се подигне формата кај тимот.