Македонија во финишот загуби здив со фаворизираната Норвешка

Ракометната репрезентација на Македонија и по пет одиграни кола е без победа во ЕХФ Еврокупот, затоа што во Скопје доживеа пораз од големиот фаворит Норвешка (18-24) и продолжи со поразите, по два претходно впишани од Словенија и Црна Гора.

Норвежанките дојдоа во главниот град на Македонија со изменет состав, фалеа шест од главните првотимки, но, сепак, имаа квалитетни имиња во тимот. Македонија не се посрамоти во оваа средба и даде достоен отпор, ама искуството и техничките грешки во клучните моменти го сторија своето. Нашата селекција ја чека уште еден натпревар со олимпискиот првак кој ќе се игра на гостински терен.

Гостинот подобро го отвори мечот со два гола во низа (0-2). Македонија цело време бркаше негатива, а виновник зошто немавме поголем „минус“ од два гола во одредени моменти беше голманката Јована Мицевска која фаќаше напади на противничките. Потоа резултатот гласеше 5-9, па беше 8-10, а иако во неколку наврати се имаше напад за минус еден гол, Македонија не ги искористи, па Норвешка на полувреме ја сочува предноста (12-14).

На стартот на вториот дел Јанеска даде два гола во серија за 14-14 и ја врати Македонија во мечот. Се играше егал во СЦ „Борис Трајковски“ се до 16-17, кога нашиот национален тим направи технички грешки, а Норвешка ги казни со серија од 0-3 и предност од 16-20. Потоа, следеше и уште два гола за највисоки плус шест (16-22) на пет минути пред крајот и така натпреварот беше решен. Поразот беше неминовен затоа што Македонија десет минути не даде погодок.

Најдобра кај Македонија беше Јована Саздовска со шест гола, пред Моника Јанеска со четири реализации, а голманката Јована Мицевска собра дванаесет интервенции. Сара Ристовска даде три гола, сите три во првото полувреме. Кај Норвешка, Хелена Фауске стрела шест пати, пред Емилие Арнцен со пет гола од пет обида.