Македонија во финишот извлече реми со Италија во Ешкишехир

Ракометната репрезентација на Македонија во подмладен состав го одигра вториот натпревар во турски Ешкишехир и забележа реми со селекцијата на Италија (26-26).

По вчерашниот триумф над Турција, подмладената А-селекција одигра еден израмнет дуел со „аѕурите“, па ремито е реален исход.

Двете селекции беа во егал константно, на полувремето резултатот беше 12-12, а највисоката предност Италија ја имаше на петнаесетина минути пред крајот, кога на семафорот стоеше 22-17. Сепак, Македонија по еден тајм-аут се консолидира, влезе во ритам, се врати во натпреварот, а ремито го донесоа Мишевски и Поповски во самиот финиш.

Најдобар стрелец на натпреварот беше Поповски со осум гола, Пешевски и Танкоски дадоа по четири, додека Кукуловски и Мишевски завршија со три. Одличен меѓу стативите беше и Мартин Томовски, со десет интервенции.

За нашиот национален тим следат нови две средби во рамки на ЕХФ-неделата, кога во Скопје, ракометарите играат со Грузија. На овој натпревар А-тимот ќе биде засилен со интернационалците Лазаров, Ристовски, Манасков, Кузмановски и Талески.