Македонија убедливо води со Словаците и е на чекор до нов Мундијал!

Ракометната репрезентација на Македонија убедливо води на полувремето против селекцијата на Словачка со 18-11 и е на чекор до пласман на Светското првенство, откако и првиот меч го доби со истата разлика од седум гола. 

Првиот напад за гостите понуди зицер, но Томовски успеа да одбрани. Ние тргнавме со стандардна бековска линија Кузмановски-Митев-Велковски, Лазаревски на пивот, а Атанасијевиќ и Костески на крилата. Томовски тргна со две интервенции од кои една од зицер, а за нас реализираа Лазаревски и Велковски (2-0). Откако гостите првпат реализираа, следуваше гол на Петар Атанасијевиќ и два во низа на капитенот Кузмановски. Добија гостите првпат пенал, а примениот погодок го анулира Лазаревски (6-2). Македонија продолжи во добар ритам, следуваа голови од бековските позиции на Велковски и Митев, а потоа пак реализира Атанасијевиќ од крило за 9-3 и прв тајм-аут на гостинската екипа.

Ниту тоа не им помогна на Словаците кои доста грешеа во напад, па со два гола на Кузмановски и по еден на Ристевски и Костески поведовме со 13-5. Лазаров ја смени целата бековска линија, па заиграа Ѓорѓиев, Павле Атанасијевиќ и Николов. Голманот Митошинка му фати два зицери на Николов, а тоа Бриатка го казни со два врзани гола за 13-8. Мини-кризата ја прекина капитенот со гол од седум метри, а потоа до крајот за Македонија погодуваа двапати Ѓорѓиев, Кузмановски и Лазаревски.

Одново наш лидер на теренот беше капитенот Кузмановски со шест реализации, додека три даде Милан Лазаревски, а шест интервенции собра голманот Томовски.