Македонија убедлива и во вториот дуел со Велика Британија

Женската ракометна репрезентација на Македонија беше убедлива и во вториот натпревар против Велика Британија и го совлада ривалот со 34-19 во натпревар кој се одигра во салата „Автокоманда“.

Британките беа спаринг-парнтер на домашната селекција на Кристијан Грчевски, на која се гледаше материјал за иднината. Селекторот на овој собир во ЕХФ-неделата повика ракометарки само од домашното првенство, па имаше шанса да ги види нивните квалитети како тим.

Македонија очекувано беше убедлива денес, по претходната победа во СЦ „Јане Сандански“ со резултат 36-17. Овие два меча беа подготовка за финишот од квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра во 2024 година.

Нашиот национален тим имаше одличен старт во квалификациите со две победи на две средби и се наоѓа на чекор до пласман на европскиот собир.