• Иван Димовски

Ракометарите на Македонија запишаа победа во првиот меч во разигрувањето за пласман на Европското првенство за играчи до 20 години, совладувајќи ја Полска со 28-26 (15-14). Избраниците на Раде Стојановиќ направија чекор во вистинската насока, кон обезбедување на место во плеј-офот за пласман од деветтото до дванаесеттото место на првенството.
Воведниот дел од средбата ѝ припадна на Полска која поведе со 0-2, меѓутоа веднаш следеше будење на нашите ракометари и серија од 6-0. Плус четири беше највисоката разлика во првиот дел, а Македонија до паузата дозволи ривалот пак да се врати до егал. Сепак, на одмор се замина со минимална предност од 15-14.
Второто полувреме тргна добро, поведовме со три разлика, а тогаш пак Полјаците се вратија до минус еден. Откако на семафорот стоеше 19-18, Македонија направи серија од 4-0 за пак да се одлепи. Во следниот период беше достигната максималната предност од шест гола, а иако во завршницата имаше опуштање на македонските ракометари, немаше време за сензација и изненадување.
Најефикасни играчи во македонскиот табор со по четири гола беа Димитар Узунчев, Дамјан Митев и Мирче Калајџиески.
Во разигрувањето за пласман од 9. до 16. место се игра во две групи. Двете првопласирани селекции во групите одат на плеј-оф турнир за местата од 9 до 12, додека останатите ќе се борат за пласман од 13. до 16. место. Оваа победа ја носи Македонија на чекор до обезбедување на една од првите две позиции, бидејќи треба да се случи големо изненадување за да нè надминат две репрезентации.