Македонија собра драгоцено искуство во Еврокупот, последната битка во Норвешка

Женската ракометна репрезентација на Македонија на големиот христијански празник Велигден го игра последниот натпревар од ЕХФ Еврокупот. Избраничките на Љубомир Савевски веќе се во Норвешка, каде ги чека последната битка во ова натпреварување.

Македонија не може да се пофали со позитивни резултати во досегашните пет натпревари, затоа што не само што пред неколку дена загуби од Норвешка во Скопје, туку немаше сили за надигрување ниту на двомечите со Црна Гора и Словенија, па многу веројатно Еврокупот ќе го заврши без ниту еден освоен бод.

Сепак, натпреварите со европските гиганти се од големо значење за нашиот млад состав, кој на крајот од годината го чека голем предизвик. Македонија заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќини на претстојното Европско првенство, па со битките во Еурокупот нашите девојки собираат драгоцено искуство кое што сигурно ќе им послужи на дуелите на континенталниот собир.

Во првиот натпревар во Скопје, Македонија одлично му парираше на фаворизираниот противник, но европскиот и светски шампион, иако комбиниран, во финишот фати ритам и славеше сигурна победа од 18-24. На тој натпревар најдобра кај Македонија беше Јована Саздовска со шест гола, пред Моника Јанеска со четири реализации, а голманката Јована Мицевска собра дванаесет интервенции.