• Саше Љолес
Репрезентацијата на Македонија ја оствари втората победа на „Жолтиот Куп“ во Винтертур, откако славеше над селекцијата на Украина со 31-26 (13-17). Нашите ракометари дојдоа до победата со одлична игра во второто полувреме и со две победи се водечки на турнирот. Многу веројатно утре против Швајцарија во директен дуел ќе одлучат за победникот на натпреварувањето.
Натпреварот започна со игра „гол за гол“ на двете страни, а Украинците имаа две технички грешки кои не успеавме веднаш да ги валоризираме. Резултатот беше 3-3 во петтата минута по прецизно изведениот седмерец на Костески, но потоа ривалот „побегна“ на 5-3 и имаше напад за три гола предност, но ударот заврши над пречката.
Следуваа по неколку грешки на двата краја од теренот, делувавме малку конфузно во нападот, а откако голманот Комок го одбрани зицерот на Никола Костески, добивме и исклучување поради симулирање на Марко Стојковиќ. Украина имаше +3, по што следуваше тајм-аут на Кирил Лазаров, но и неговите совети не вродија со плод затоа што повторно не успевавме да реализираме два чисти напади.
Украинците ја одржуваа предноста во 18. минута, но потоа нашите ракометари ја стабилизираа играта и се вратија во егал ситуација (10-10). Сепак, повторно следуваше мал пад и серија од 4-0 на противникот, а ние се мачевме да ја пробиеме одбраната. Со третиот гол на Кузмановски дојдовме на 16-13, но Украина постигна брз гол за резултат 17-13 на паузата.
Вториот дел го отворивме со седмерец на Мартин Серафимов, а потоа погоди и Филип Кузмановски. На голот беше младиот Иван Галевски, кој веднаш впиша една успешна интервенција. Со првиот гол на Ненад Костески намаливме на -2, а веднаш потоа дојдовме и на само гол негатива со погодокот на Самоил Ристевски. Галевски се разбрани, запиша четири одбрани и ги мотивираше соиграчите да тргнат во поголема офанзива. Повторно се вративме во израмнета ситуација (18-18), а по голот на Иван Џонов успеавме и да поведеме со 19-18.
Украина делуваше без компас во овие минути, но малку „живна“ по исклучувањето на Ристевски и прецизно изведениот седмерец. Кузмановски на спротивната страна изнуди исклучување на Онуфриенко, а Серафимов со својот трет гол ја одведе Македонија на +2 во 44. минута. Се играше „гол за гол“ и со неколку грешки, но ја одржувавме предноста од два гола и по погодокот на Жарко Пешевски.
Времето полека изминуваше, стануваше јасно дека сме во добар моментум и се обидувавме да продолжиме во ист ритам до крајот. Украина започна да паѓа во интензитетот, со голот на Пешевски имавме и +4 (23-27), но работата не беше завршена.
Капитенот Кузмановски повторно ја покажа класата со гол од далечина, Македонија побегна и на пет голови предност, па така веќе беше јасно дека победата е на дофат. Последните минути беа чиста рутина за момчињата на Кирил Лазаров, кои на крајот славеа со конечни 31-26.
Капитенот Кузмановски постигна седум гола, а со четири го следеше Ѓорѓиев. Велковски, Серафимов и Џонов постигнаа по три гола. Утре од 18:00 часот следи дуелот со Швајцарија, со што завршува нашиот настап во Винтертур.


