• Иван Димовски

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз од Украина го отвори Европското првенство на песок во Назаре, Португалија. На преубавата португалска плажи, на девојките кои ги водат Златко Мојсовски и Ања Алтхаус им беше потребно време за аклиматизација. Мечот го загубија во двата сета, со 20-8 и 23-16.
Од стартот девојките како да тргнаа импресионирано, премногу грешеа и тоа резултира со висока негатива уште по само пет минути. Првиот сет заврши со убедливи 20-8 за Украинките.
Македонските ракометарки се консолидираа во продолжението, беа навистина поконкурентни и му се закануваа на ривалот. На стартот на вториот сет се играше егал, меѓутоа во втората половина Украина се одлепи. Сепак, Македонија успеа да се стегне и иако загуби, дојде до пристојни 23-16.
Најдобра кај Украина беше Анастасија Бондаренко со 14 поени, пред Јулија Андријчук со 11 поени, додека Јелизавета Дихтар заврши со 10 поени. Кај Македонија, Ана Марија Божиновска имаше шест, а Бојана Диневска, Теодора Гулицоска, Теодора Маркоска и Ангела Јанкуловска имаа по четири поени.
Пред македонските девојки денес е уште еден натпревар, во 15:00 часот ќе се судрат со Холанѓанките.