Македонија со неколку падови ја загуби трката со Црна Гора

Женската ракометна репрезентација на Македонија на домашен терен загуби од селекцијата на Црна Гора (21-29) во дуел кој се играше во рамки на новоформираниот ЕХФ Евро Куп во кој играат трите домаќини на ЕП 2022, плус шампионот од последниот континентален собир.

Македонија на овој дуел влезе доста подмладена, со повеќе имиња кои влегуваат без големо искуство и како дебитанти. Црногорките, пак, беа без Радичевиќ и Мехмедовиќ кои добија поштеда од селекторката Поповиќ и ќе играат само во реваншот. Со оваа победа Црногорките го продолжија добриот тренд во официјалните натпревари против Македонија. На овој дуел шанса доби и 14-годишната Ива Младеновска која беше МВП на шампионатот во Литванија каде Македонија беше прва и го забележа деби-настапот меѓу сениорките.

Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ почна доста неефикасно, со многу грешки на двете страни. Плус, меѓу стативите на Македонија одлична беше Јована Мицевска која фати две топки. Во десет минути паднаа два гола во мрежата на Македонија, двата од пенал. Откако нашиот национален тим ја прекина црната серија без гол со погодок на Ристовска од пенал (1-2), возврати Итана Грбиќ која беше главен играч на противникот и енигма за „црвено-жолтите“.

Двете селекции се надигруваа и беа рамо до рамо до резултат 4-5 кога Гичевска и Стојкоска врзаа два гола за Македонија, а потоа нашиот национален тим почна да влегува од грешка од грешка, па тоа Црна Гора го казни и се одлепи на 7-11. Македонија пет минути беше без постигнат гол. На стартот на второто полувреме Македонија се разигра и во 40. минута преку Миновска дојде на „минус еден“ (16-17), ама осциласциите на избраничките на Љубомир Савевски повторно стапија на сцена. Само еден гол постигна Македонија во следните десет минути, а противникот успеа да се одлепи на највисоки 17-23 на натпреварот. Последните десетина минути така беа само формалност. 

Најдобра кај победникот беше Итана Грбиќ со десет постигнати гола, пред Мугоша со пет и Плетикосиќ со четири реализации, додека кај Македонија, Ристовска даде шест, Гичевска имаше пет, а Јанеска финишира со 4/4. Голманката Јована Мицевска имаше единаесет одбрани.

Вториот натпревар од ЕХФ Евро Купот, Македонија ќе го игра повторно против Црна Гора, в недела.