• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија го продлжува континуитетот на големите натпреварувања, откако ја декласира Словачка во бараж двомечот и на вториот меч во Скопје победи со 38-23 (18-11). Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ се одигра пред полни трибини, а ракометарите на Кирил Лазаров одговорија со огромна победа од 15 гола разлика. Со тоа нашата селекција слави со вкупни 69-47 го елиминира ривалот. Ова беше најголемата бараж победа, надминувајќи ја онаа против Грците во 2014 година која беше со вкупни 14 разлика.
Првиот напад за гостите понуди зицер, но Томовски успеа да одбрани. Ние тргнавме со стандардна бековска линија Кузмановски-Митев-Велковски, Лазаревски на пивот, а Атанасијевиќ и Костески на крилата. Томовски тргна со две интервенции од кои една од зицер, а за нас реализираа Лазаревски и Велковски (2-0). Откако гостите првпат реализираа, следуваше гол на Петар Атанасијевиќ и два во низа на капитенот Кузмановски. Добија гостите првпат пенал, а примениот погодок го анулира Лазаревски (6-2). Македонија продолжи во добар ритам, следуваа голови од бековските позиции на Велковски и Митев, а потоа пак реализира Атанасијевиќ од крило за 9-3 и прв тајм-аут на гостинската екипа.
Ниту тоа не им помогна на Словаците кои доста грешеа во напад, па со два гола на Кузмановски и по еден на Ристевски и Костески поведовме со 13-5. Лазаров ја смени целата бековска линија, па заиграа Ѓорѓиев, Павле Атанасијевиќ и Николов. Голманот Митошинка му фати два зицери на Николов, а тоа Бриатка го казни со два врзани гола за 13-8. Мини-кризата ја прекина капитенот со гол од седум метри, а потоа до крајот за Македонија погодуваа двапати Ѓорѓиев, Кузмановски и Лазаревски. По првиот дел одново наш лидер на теренот беше капитенот Кузмановски со шест реализации, додека три даде Милан Лазаревски, а шест интервенции собра голманот Томовски.
Фуриозно отворивме и во вториот дел, бидејќи отворивме со шест гола во седум минути. Погодуваа двапати Кузмановски, Митев, Лазаревски и Велковски и поведовме двоцифрено со 24-13. Гостинскиот селектор Гурич свика тајм-аут и тоа вроди со плод, бидејќи Словаците направија мини-серија од три гола (24-16) и го натера и Лазаров на минута одмор. Потоа Македонија даде два гола преку Велковски, а успеавме да го задржиме ривалот без гол преку три минути и го вративме двоцифреното водство (29-18). Во следните минути иако игравме со изменет состав, одбраната се зацврсти и ривалот немаше решенија за да дојде до голови. Спротивно на тоа, за Македонија се разиграа и резервистите, па три гола врза Стојковиќ. Со реализацијата на Николов поведовме и со максимални 36-21 на истекот на 53. минута. Словачка успеа да постигне два погодоци набрзина, а потоа Кузмановски реализира пенал за 37-23. До крајот на средбата дадовме само уште еден гол за победа со највисокото водство.
Капитенот Филип Кузмановски го заврши натпреварот со 11 погодоци, Мартин Велковски беше перфектен со „шест од шест“, а пет имаше Милан Лазаревски.



