Македонија со најдобро полувреме на ЕП и егал меч со Романија!

Женската ракометна репрезентација на Македонија го одигра најдоброто полувреме досега на Европското првенство (ЕП) и во клучниот натпревар од групната фаза има егал-натпревар против директниот конкурент Романија (12-13).

Уште во втората минута голем пех ги снајде македонските ракометарки, откако Јована Саздовска го повреди зглобот и мораше да одмора неколку минути. Неагу го отвори натпреварот со два гола, а двете одбрани доминираа, па немаше лесни голови во раната фаза. Мицевска добро отвори на голот, па Дабевска реализира од линијата од шест метри и Јована Саздовска од крило за 3-3 во 12. минута. Продолжи играта гол за гол, но нашата одбрана немаше решение за Кристина Неагу и нејзините „бомби“ од надворешната линија. Романките првпат поведоа со +3 (9-11) во 22. минута, по два наши нереализирани зицери. Савевски повика минута одмор за да ја ротира екипата во последната фаза од првиот дел.

По кратката пауза, поради неправилни измени, Романија доби две исклучувања и остана со четири ракометарки во поле. Но и покрај тоа, нововлезената голманка Хосу ја чуваше селекцијата, фати зицер на Маџовска, ама потоа Гичевска и Дабевска со два врзани голови ја вратија Македонија во игра (11-12). Откако Романките направија техничка грешка, Македонија тргна во напад за израмнување, не се прифати топка на шест метри и казната стигна преку Серафичиану (11-13). До финишот на првиот дел, Македонија даде гол преку Дабевска, за 12-13 на паузата.

Најдобра кај Македонија во воведните триесет минути беше Дабевска со вкупно три гола, ја следеа Ристовска и Гичевска со по две реализации, а голманката Мицевска забележа четири одбрани. Кај Романките, Неагу заврши со вкупно три постигнати гола.