• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 20 години ја совлада Романија (26-31) и е на чекор до обезбедување на една од првите две позиции во групата за пласман од 9. до 16. место на Европското првенство. Избраниците на Раде Стојановиќ го продолжија одличниот настап на турнирот, на кој и натаму се без пораз.
На стартот македонските ракометари влегоа добро и имаа почетна предност од два гола. Тогаш Романците се консолидираа и го презедоа водството. Најмногу водеа со 8-5, меѓутоа не успеаја да го материјализираат тоа. Со мини-серија од 4-1 нашите момци се вратија до егал, а до полувремето ги презедоа работите во свои раце. На одмор се замина со нерешени 15-15.
Одново Македонија одигра перфектно второ полувреме. По воведната израмнета игра, клучен исчекор кон победата момците на Стојановиќ направија серијата од 6-0, со која од 17-17 дојдоа до 17-23. Во продолжението водевме во два наврати и со максимални девет разлика, а по малото опуштање на крајот романските играчи го намалија водството (26-31). Со шест погодоци најефикасен играч беше Узунчев, додека еден помалку даде Карасманакис. Иван Галевски имаше нова МВП партија, па со осум интервенции во клучни моменти беше еден од главните играчи во нашиот триумф.
Македонија на ова Европско првенство не знае за пораз, има три победи и две нерешени средби, меѓутоа поради променетиот систем на ЕХФ не се бори за медал, туку за позиции. Само чудо може да ја остави Македонија без место во полуфиналето и битка за пласман од 9. до 12. место. За два дена нашите ракометари ќе го играат дербито на групата против Франција.