Македонија со дебакл против Австрија испадна од ЕП 2020!

Ракометната репрезентација на Македонија ги заврши настапите уште во групната фаза на Европското првенство (ЕП) кое се игра во Австрија, Норвешка и Шведска, затоа што во клучниот дуел во групата убедливо загуби од Австрија (32-28), еден од домаќините на континенталниот собир.

Лошиот напад и разбранетиот голман Томас Ајхбергер ја нокаутираа нашата репрезентација и направија да се простиме од еврошампионатот уште во раната фаза. Групата беше крајно изедначена, Македонија ја имаше фаворитската улога, арно ама воопшто не ја оправда. Нашиот национален тим многу веројатно го завршува ЕП 2020 на третото место во групата и ќе го има најслабиот пласман во историјата на еврошампионатите.

Дуелот во „Штадхале“ Македонија го почна со Никола Митревски меѓу стативите, но на спротивната страна порасположен беше Ајхбергер, кој за три минути нанижа четири одбрани и ја вивна Австрија во мечот (4-1). Но, и македонскиот голман почна да брани, фати две топки, Стоилов реализира двапати, за 4-3, а потоа следеше контра и гол на Георгиевски, за изедначување (4-4).

Главниот фокус во одбраната на Австријците беше ставен кон Кирил Лазаров, кој беше доста добро затворен, па мораше само да асистира затоа што немаше добра позиција да шутира. Нападот со отсечениот Лазаров не функционираше според планот, Кузмановски двапати шутираше во голманот Ајхбергер кога најмногу требаше да се погоди за пресвртница, за Австрија пак да ја врати предноста (6-4). Првиот гол Лазаров го даде во 13. минута од пенал, за 7-6, но Австрија пак влезе лесно во ритам, па преку бековската линија предводена од главните шутери Билик и Божовиќ ја врати предноста (10-6).

Во последните десет минути од првиот дел Ајхбергер продолжи да блеска, а Лазаров го даде првиот гол од игра во 24. минута. Пајовиќ донесе одлична одлука да го пушти од првата минута, затоа што одлично ги имаше анализирано шутевите на македонските репрезентативци. Го заврши првиот дел со десет одбрани, а Македонија со негатива од шест гола (18-12).

И стартот на вториот дел не донесе ништо ново, затоа што Австрија во воведните четири минути ги искористи нашите грешки, па со контри дојде до највисоки осум гола предност (21-13). Потоа, Манасков направи престап, Пош погоди на спротивната страна за 22-13, а ноншалатниот пристап на нашите ракометари донесе и 24-13 за домаќинот на еврошампионатот. Потоа, разликата стана и двоцифрена (29-19), а и двата селектора ротираа и им дадоа шанса на оние со помала минутажа. Во финишот Австрија почна да греши, а Македонија го ублажи поразот.

Најдобар стрелец кај нашиот национален тим беше Стоилов со пет гола, а Лазаров, Кузмановски, Георгиевски, Поповски, Пешевски и Маџовски завршија со по три гола. Кај Австрија, Билик даде шест, а Божовиќ пет гола.

Покрај Австрија, во наредната фаза на ЕП 2020 многу веројатно патува и Чешка која чека дуел со Украина.