Македонија се врати од „минус седум“ до реми и остана во игра за главна фаза на ЕП У20!

Младинската репрезентација на Македонија одигра херојско реми против Хрватска 24-24 (10-15), во рамките на второто коло на Европското првенство за играчи до 20 години. Пресметката во Целје во голема мера му припадна на нашиот противник кој водеше и со седум разлика, но македонските ракометари одиграа перфектно во завршницата и забележаа многу важен бод. 

Стартот на мечот беше солиден за Македонија, имавме предност од по два гола во неколку наврати, а не искористивме и напад за плус три. Следеше пад во вториот дел на полувремето, а тоа Хрватите го искористија и фатија приклучок. До пред паузата нашата репрезентација беше во сериозна криза, Хрватска знаеше тоа да го казни и со убедлива серија на одмор замина со водство од 10-15. 

Ниту стартот на продолжението не беше ветувачки за Македонија, бидејќи во тој период по серија грешки на семафорот стоеше највисоката негатива од седум гола (11-18). Тогаш на сцена стапи голманот Иван Галевски кој поттикна целосно будење на репрезентацијата. Момците на Раде Стојановиќ влегоа во серија од 9-1 и целосно го свртеа резултатот во своја корист. Во последните десетина минути се играше егал со кој се влезе и во завршните 60 секунди. Во нив Хрватите не успеаја да постигнат гол, а ниту Македонија по тајм-аутот на Стојановиќ не успеа да направи брза акција за неколку секунди. 

Со по шест гола најефикасни беа Димитар Узунчев и Славчо Шулески, а исто толку дадоа Бајан и Франковиќ кај Хрватите. Што се однесува до голманите, Галевски собра седум интервенции, а Брестовац четири. На спротивната страна хрватскиот голман Тин Херцег фати дури 17 топки. 

Последниот натпревар од групата Македонија го игра в сабота од 14:20 часот, а во него ќе се бори со Австрија за првата позиција која води меѓу осумте најдобри на континентот.