Македонија се враќаше од бездна, но остана без четвртфинале на СП!

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години остана без четвртфинале на Светското првенство (СП) кое се игра во Скопје. Нашите ракометни надежи загубија од Исланд (25-22) и така Шведска е тимот кој заедно со „рибарките“ патува во следната рунда, а ние ќе разигруваме за пласман од 9 до 12 место.

Нашиот национален тим го стартува натпреварот во „минус“. Исланѓанките обезбедија два гола разлика уште во воведните минути (3-1) и константно ги држеа. Во два наврати противникот имаше шанса да поведе и со четири гола, но голманката Матеа Чурлиновска имаше свој ден и двапати одбрани. Во 21. минута од натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“, на Исланѓанките им успеа она кое го посакуваа, се поведе со четири гола (11-7), па тоа го примора селекторот Савевски да ја промени одбраната.

Со длабока 6-0 зона, Исланд не се снајде баш најдобро. Македонија намали на 12-9, повторно поради одбрани на Чурлиновска, но нападот во следните два интервала не ни донесе гол, па остана таа позитива од три гола за противникот. Пред финишот на првото полувреме Јонесдотир ги врати највисоките четири за Исланд (13-9), а по техничка грешка, Исланд имаше шанса и за пет, но повторно Чурлиновска ја спаси ситуацијата. Последниот гол во првиот дел беше дело на Емилијана Ризоска (13-10).

Нашата најнадежна ракометарка, Ива Младеновска, немаше свое прво полувреме, затоа што добро ја чуваа и го заврши со шут 1/6. Стартот на вториот дел продолжи во исто темпо, се играше гол за гол, се додека Македонија не влезе во серија и од пет гола негатива, успеа да дојде на само два (18-15) во 40. минута. Сестрите Коцеви, заедно со Ризоска, како и една одбрана на голманката Јовановска, помогнаа доста. Имаше Македонија и минус еден (19-18) и напад за реми, ама откако не го искористи поради голманката Бјарнасен, а потоа промаши и празен гол и пенал, Исланд го казни тоа и пак замина на високи четири гола позитива (23-19) на седум минути пред финишот. На три минути пред крај беше 24-22, Македонија имаше напад за еден негатива, но голманката Бјарнасен пак блесна и тоа беше крајот за нас.

Најдобра кај Македонија беше Бојана Коцева со шест гола, пред Ризоска со четири реализации, додека кај Исланд, Торкелсдотир и Јохансдотир имаа по шест постигнати гола. Следен противник на Македонија во разигрувањето е Германија (недела, 14:00 часот).