Македонија се разбуди во вториот дел, но загуби од Украина на патот кон СП!

Ракометната репрезентација на Македонија го загуби првиот бараж натпревар на патот кон Светското првенство од Украина со 22-24 (8-14). Со оглед на случувањата во првото полувреме во СЦ „Борис Трајковски“, резултатот може до некаде да биде и задоволувачки, меѓутоа постои жалење бидејќи Македонките имаа и позиција да извлечат позитивен исход.

Натпреварот започна со неискористени напади на двете страни, по што гостинките успеаја да се наметнат и изградат предност од три гола која ја одржуваа во продолжението. Избраничките на Савевски немаа решение за расположените Украинки, иако се обидуваа, немаа сили целосно да парираат на противничките. Освен на стартот кога беа на негатива од 2-4, Македонките во текот на целото прво полувреме беа во подредена улога и тоа ривалките го користеа, во еден момент водеа со осум разлика, а на одмор се замина со 8-14. 

Вториот дел беше целосно поинаква приказна, Савевски како да го „затегна“ тимот, одбраната беше ниво повисоко и почна да ги запира Украинките. Нашите девојки отворија со серија од 3-0, по што гостинките првпат погодија, но добрата игра доведе и до егал. Одбраната беше одлична, а и нападот ги реализираше шансите, па со серијата која дојде до 8-2, Македонија првпат израмни во натпреварот (16-16). 

Тоа ги натера ракометарките на Украина да се разбудат, едно малку престрого исклучување им даде шанса пак да се одлепат и поведоа со 16-19. Сепак, Македонија не се откажа, пак го бркаше дефицитот и пријде близу. Првиот напад за нов егал на влезот во последните десет минути не го реализира Јаневска. На тоа Украинките одговорија со два погодоци и испуштија напад за +3. Погодуваа Саздовска и Левченко во наредните акции, пред Сара Ристовска да добие пенал за минус еден. Сепак, таа ја погоди голманката в лице и доби директен црвен картон, што беше огромен хендикеп во финишот. Следеше уште една дискутабилна одлука, кога беше исклучена Леонида Гичевска, па во завршницата Украинките успеаја да го задржат водството. 

Најдобра ракометарка на паркетот беше Сара Ристовска која постигна 8 погодоци, додека по три даваа Саздовска и Јанеска. Кај Украинките со по пет гола се истакнаа Маркевич и Смбатиан. Реванш натпреварот ќе се одигра заа само три дена, на неутрален терен во Кишварда, Унгарија