• Иван Димовски

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе очекуван пораз од Германија 27-35 (14-19) во претпоследниот меч од квалификациите за Европското првенство. Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ им припадна на фаворитките, а нашата селекција до крај се бореше за поразот да биде што е можно понизок пред затворањето на циклусот.
Гостинската селекција ги даде првите два гола преку Енгел и Бехренд, додека по три нереализирани напади првпат за нас погоди Ивана Гакидова, а по неа и Сара Стефаноска. Германија влезе во серија грешки, а ние не искористивме една шанса за да израмниме, па од втор обид Стефаноска погоди за 3-3 во деветтата минута. И повторно нашата најрасположена ракометарка реализира напад, овопјат за 4-4. На тоа гостинките одговорија со три врзани гола, а таа серија ја прекина Дамјаноска со гол од шест метри (5-7). Три гола врза и Ива Младеновска, меѓутоа ривалот го одржуваше стекнатото водство. Германија успеа да се одлепи и ги искористи нашите зачестени грешки, па тоа се одрази на резултатот кој достигна максимални 10-18. Кризата ја запре голот од седмерец на Кипријановска, а по неа погоди и Јанкуловска за 12-18. До крајот на полувремето Македонија прими еден и даде два гола, па на одмор се замина со 14-19.
Во второто полувреме за тимот на Грчевски погодија Марија Јанкуловска и Кипријановска од пенал (16-20), а потоа и Гакидова за одново да биде „минус четири“ (17-21). Сепак, тогаш следуваше голем пад во нашата игра кој селекторот не го консолидира ниту со тајм-аут. Германките направија серија од 0-5 со кој поведоа со дотогаш највисоки 17-26. Тогаш нашиот напад се разбуди, погодија Ангела Јанкуловска и двапати Џатевска (20-28). Успеавме да ја спуштиме границата на шест-седум гола, па со тоа темпо се играше во продолжението од средбата. Јасно беше дека нам гол-разликата може да ни биде многу важна, па со повеќе концентрација нападот успеваше да се држи на истата дистанца со фаворитот. До крајот немаше драстични промени во резултатот и гостинската селекција победи со осум разлика. Наша најдобра ракометарка на мечот беше Јована Кипријановска со шест реализации, додека по четири дадоа Ангела Јанкуковска и Сара Стефаноска.
Во последното коло в недела Македонија ѝ гостува на Словенија за крај на циклусот. Пласманот на континенталниот собир е само теорија, бидејќи освен изненадување и победа на гости, ќе биде потребно и да се поклопат останатите резултати.


