• Зоран Мишевски

Македонската ракометна репрезентација го заврши својот настап на Европското првенство уште во групната фаза, откако ги загуби сите три натпревари. Ако против Франција и Холандија целосно бевме надиграни, денес во клучниот натпревар против Романија одигравме одлично прво полувреме, но следеше пад во второто и заслужен пораз од 23-31 (11-12). Од групата Ц натпреварувањето го продолжуваат Франција, Холандија и Романија, а Македонија ќе биде класифицирана меѓу 12. и 16. место.
Уште во втората минута голем пех ги снајде македонските ракометарки, откако Јована Саздовска го повреди зглобот и мораше да одмора неколку минути. Неагу го отвори натпреварот со два гола, а двете одбрани доминираа, па немаше лесни голови во раната фаза. Мицевска добро отвори на голот, па Дабевска реализира од линијата од шест метри и Јована Саздовска од крило за 3-3 во 12. минута.
Продолжи играта гол за гол, но нашата одбрана немаше решение за Кристина Неагу и нејзините „бомби“ од надворешната линија. Романките првпат поведоа со +3 во 22. минута, по два наши нереализирани зицери. Савевски повика минута одмор за да ја ротира екипата во последната фаза од првиот дел. Романките направија погрешна замена, па со две ракометарки повеќе Македонија намали на 11-12 во 26. минута. Со исто темпо и интензитет се одиграа последните 3-4 минути од првиот дел и на одмор се замина со резултат 12-13.
Романија почна подобро во вториот дел, врза серија 3-0 и првпат поведе со четири гола разлика (12-16). Серафичеану и Неагу беа незадржливи, а во нашиот напад само Дабевска имаше одлична реализација. Дациана Хосу одбрани неколку зицери и Романија првпат побегна на пет разлика на половина од вториот дел. Серијата на грешки не ни дозволи да се вратиме во натпреварот и Романија без драма го доби натпреварот со 23-31.
Најефикасна во македонскиот табор беше Дабевска, додека кај Романија незадржлива беше Неагу со десет гола. Вечерва Франција и Холандија ќе одлучат која селекција ќе пренесе максимален број на бодови од групата Ц во главната групна фаза, која исто така ќе се игра во Скопје.