• Иван Димовски
Ракометна Македонија има можност првпат досега во нашата историја да има шест машки претставници во евро-куповите.
Шампионот Еурофарм Пелистер ја исполни својата цел, доби „вајлд-карта“ од ЕХФ и ќе игра во Лигата на шампионите. Ова автоматски го „повлече“ и Вардар директно во групите на Европската лига, наместо да игра во квалификациите. Во второто по ранг натпреварување може да се очекува и Алкалоид. Скопскиот освојувач на ЕХФ Купот побара надградба и има изгледни шанси да ја добие за квалификациите или директно за групите на Европската лига.
На тоа ќе се израдува и Охрид, бидејќи доколку Алкалоид напредува „гладијаторите“ речиси сигурно ќе бидат носители и ќе влезат во Европскиот куп на ЕХФ од второто коло.
Барања за „вајлд-карти“ за ЕХФ Купот испратија и петтиот и шестиот тим во мак-ракометот, а тоа се Тиквеш и Бутел Скопје. На нашата страна е фактот дека освојувачот на натпреварувањето доаѓа од Македонија, па кавадарчани и скопјани оптимистично гледаат кон изборот на ЕХФ.






