Македонија пружи отпор, но загуби на „генералката“ пред СП

Ракометарите на македонската селекција загубија на последниот тест пред Светското првенство против домашната селекција на Хрватска со 27-25 (13-14). Пружија избраниците на Кирил Лазаров солиден отпор, долго време беа рамноправни и во меч на „неколку топки“ претрпеа неуспех во Вараждин.

Тргнаа Хрватите со два погодоци, а потоа возвратија и нашите ракометари за 2-2. Првпат поведовме преку Атанасијевиќ (3-4). Следеше период кој им припадна на домаќините и Хрватска поведе со 7-5. Стигнаа домашните ракометери и на „плус три“ (9-6). Успеа Македонија да се консолидира и со головите на Атанасијевиќ, Серафимов и Џонов стигна до егал пред полувремето (11-11). Се одржавме во резултатски егал, а по нова контра Џонов донесе прво наше водство (13-14). Во нашиот табор се истакна Николче Митревски кој собра осум интервенции, дел од нив во клучни моменти.

Стартот на вториот дел беше израмнет, а по голот на Кузмановски не искористивме шанса за „плус два“ бидејќи Кузмановиќ му фати зицер по контра на Јагуриновски. Домашните преку Шипиќ и Главаш направија пресврт (16-15). Следеа два брзи гола на Павле Атанасијевиќ и Звонимир Срна. Хрватите имаа три пенали набрзина, а Марко Кизиќ влегувајќи од клупата ги одбрани сите три удари. Тоа го искористивме за да се држиме во егал со головите на Пешевски и Велковски (18-18). Дури од четврти обид од седум метри Марио Шоштариќ го матира Кизиќ. 

Успеа Хрватска да се наметне, па влезе во серија и се одлепи на 23-20. Ние погодивме преку Митев, а потоа не успеавме да реализираме напад за „минус еден“. Грешките се зголемија во нашите напади на влезот во последните десет минути. Сепак, успеа Лазаров да ги консолидира своите избраници, а со неколку добро одбранети напади преку Костески стигнавме до егал (24-24) на три ипол минути до крајот. Серафимов заработи исклучување и направи пенал, па Шоштариќ го совлада Галевски за 25-24. Лазаров свика тајм-аут, меѓутоа по долг напад погрешивме и не реализиравме. Во клучен напад Хрватите преку Срна стигнаа до 26-24, а тогаш исклучен беше и Лазаревски. Со ова домашната селекција стави точка на победата.

Најефикасен играч на средбата беше Звонимир Срна со шест погодоци, додека во македонскиот табор по четири пати реализираа Жарко Пешевски и Ненад Костески.