• Саше Љолес
Младата македонска ракометна репрезентација испушти огромна можност да ја забележи првата и можеби најзначајна победа на Светското првенство, откако испушти предност од пет гола на полувремето и загуби од соодветната селекција на Романија со конечен резултат 28-27.
Првото полувреме започна со промени на водството на двете страни, Романците беа во солиден налет во воведните минути, но потоа избраниците на Раде Стојановиќ заиграа далеку подобро во одбраната и успеаја да направат две добри серии, со кои се „одлепивме“ на почувствителна разлика. Во два наврати имавме три гола предност, а до крајот на првиот дел прикажавме уште подобар пристап и на паузата заминавме со пет погодоци позитива (17-12).
Романија се обиде да се врати на стартот од второто полувреме, дојде на -2, но тука на сцената стапија Узунчев, Карасманакис и Калајџиески. Тројцата беа одлично надополнети од Димевски и Белистојаноски, кои до 40. минута имаа по три гола зад своето име.
Ривалот не се предаваше лесно, се одржуваше на пристојна негатива, а по презицниот седмерец на Узунчев повторно поведовме со четири гола (23-19). Следуваше мала криза во нападот, не искористивме 2-3 шанси за гол, а Романците напаѓаа без голман и успеаваа да ја топат предноста. Селекторот Стојановиќ беше приморан да повика тајм-аут при резултат 23-22. Галевски забележа неколку добри интервенции, но нашите ракометари никако не можеа да се вратат во колосек. Романија успеа да израмни во третиот обид и го вклучи „алармот“ во нашиот табор на девет минути до крајот. (24-24).
Во овие моменти ништо не им одеше на нашите надежи, се разбрани и противничкиот голман Подовеи, па Романија доби и шанса за преземање на водството, но направи техничка грешка во нападот. Петковски ја разби кризата кај нас, постигна гол за 25-24, а Романците потоа повторно се вратија во игра и израмнија на 26-26 на три минути до крајот. Ривалот го презема водството и доби шанса да отиде на +2, но ја загуби топката, а на спротивната страна Подовеи беше брилијантен и не дозволи ново израмнување. Романија ја имаше топката на 40 секунди до крајот, постигна уште еден погодок и на крајот го заокружи триумфот со конечни 28-27.
Најдобар поединец кај Македонија беше Димитар Узунчев со седум гола, а во победничкиот табор најмногу се истакна Даниел Станчиуч, кој запиша дури тринаесет погодоци.
ФОТО: ИХФ
