Македонија премногу грешеше и остана без бронза на Медитеранските игри!

Србија ја победи Македонија (29-34) и го освои бронзениот медал на Медитеранските игри во Оран, Алжир. Нашите репрезентативци имаа солиден настап, кој сепак на крај не беше доволен за победа во битката за третото место на ракометниот турнир.

Првиот погодок на мечот го постигна Томислав Јагуриновски. Селекторот Кирил Лазаров започна со одбрана 5-1, која сепак не го изненади неговиот колега на спротивната страна, Тони Џерона. Ние тргнавме со водство, но многу брзо Србите одговорија со своја серија и започнаа да го контролираат резултатот. На спротивната страна одбраната на Македонија започна да игра на посакувано ниво и предизвика неколку грешки на ривалот. Ненад Костевски од крилна позиција ја заокружи серијата по која нашиот национален тим стигна до највисоки 8-5.

Голманот Васил Гогов придонесе во позитивниот период на македонската селекција. Неговите одбрани ни овозможија да ја одржуваме солидната разлика во однос на противникот. Србија имаше проблеми со исклучувањата, но тоа не беше максимално казнето од страна на избраниците на Лазаров. Тие промашија два напади и дозволија противничкиот тим целосно да се врати во игра пред паузата. Во еден момент ние игравме со три исклучени ракометари. Тоа остави простор српската репрезентација да направи целосен пресврт и да замине на одмор со позитива од два гола (13-15).

Кризата на Македонија продолжи и во второто полувреме. Србите казнуваа секаков испад, а во еден момент фатија залет и побегнаа на „плус пет“. Џерона делеше совети нападите на неговите играчи да бидат бавни, со оглед на позитивата. Тоа беше случајот во последните петнаесет минути од натпреварит. Српската селекција рутински одржуваше предност и на крај успеа да стигне до третото место и бронзата на игрите во Алжир.

Натпреварот за златно одличје ќе го одиграат Шпанија и Египет во 17:30 часот.