• Сашо Поповски

Македонија ќе ја заокружи групната фаза на Европското првенство со дуел против Романија. Избраничките на Љубомир Савевски запишаа два порази на стартот, од фаворизираните Франција и Холандија.
Публиката дава максимална поддршка на девојките, кои денес имаат нов тежок тест. Натпреварот против Романките е од исклучително значење. Победа за нашиот национален тим ќе значи пласман во следната фаза од шампионатот, кој Македонија го организира заедно со Црна Гора и Словенија.
Македонската репрезентација моментално е на последното место, поради полошата гол-разлика. Романскиот тим исто така загуби во првите две кола. Нашиот денешен противник беше декласиран од Французинките, а минимално го „положи оружјето“ пред холандските ракометарки.
Најголемата опасност по македонскиот гол ќе доаѓа од искусната Кристина Неагу. Таа најави дека нејзината репрезентација ќе одигра сериозно и нема да го потцени противникот. Атмосферата на трибините во СЦ „Борис Трајковски“ се очекува да биде дополнителна пречка за романскиот национален тим.
Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра вечерва со почеток од 18:00 часот.