Македонија пред голем предизвик, може ли до подвиг кој води на СП?

Репрезентацијата на Македонија ја очекува бараж двомеч против Романија за пласман на Светското првенство кое ќе се одржи оваа зима. Дамите на селекторот Симе Симовски имаат пеколно тешка задача, но не и невозможна. 

Сара Ристовска одлично го води колективот, надополнета од Стојановска, Ѓорѓиевска, Гичевска покажаа дека има зрелост во тимот. По трите победи во квалификациите кои се одржаа во Скопје, надеж постои. Сепак, против селекција од светскиот крем како Романија, во која настапува ракометарка како Кристина Неагу, секогаш мора да се биде максимално подготвен. 

Во овој дуел Македонија влегува со четири славја во низа, додека Романија пред последната победа над Црна Гора имаше пет порази. Историјата, квалитетот, искуството и сè останато е на страната на Романките, но Македонките имаат мотив и надеж дека може да се пружи отпор на една квалитетна селекција. Досега, Романија и Македонија се сретнале два пати, а двете пресметки завршиле во корист на ривалот. 

  • Меѓусебни дуели на Романија и Македонија: 

25.11.17 - Романија - Македонија 31-18 (Пријателска)
10.12.05 - Романија - Македонија 29-22 (Квалификации за СП)

Првата пресметка во Букурешт ќе се одигра денес со почеток од 17:00 часот, додека за четири дена во СЦ „Јане Сандански“, Македонија во истиот термин ќе ја дочека Романија во реваншот. 

Патот до Мундијалот е тежок, но ништо помалку и не требаше да се очекува. Останува надеж дека дамите на Македонија ќе пронајдат сили и ќе се надминат себеси во двомечот со Романија.