• Мартин Танасковски
Ракометната репрезентација на Македонија одигра рамноправен меч со Полска, но не успеа да дојде до позитивен резултат (21-23) за да се пласира на Светското првенство (СП) кое ќе се игра оваа година заради поразот од четири гола во првиот меч во Кошалин.
Избраничките на Кристијан Грчевски одиграа еден меч во кој имавме голем проблем во креирањето на играта во нападот, а исто така се направија и голем број на технички грешки. Македонија имаше повеќе од 15 загубени топки, а со таква статистика не може да се победи подоброрангирана селекција како Полска со четири гола разлика.
Дуелот тргна брзоплето, со многу грешки, а во воведните минути не падна гол. Трипати Полска ја погоди стативата, Македонија, пак, не реализираше, а во десеттата минута резултатот гласеше 3-3. Полска отвори со два гола, а Македонија се врати откако беше исклучена ракометарка на гостинките. Голманката Мицевска беше одлична во продолжение и го чуваше својот гол добро, затоа бевме и во егал.
Беше 7-7, па 10-10 на полувремето, а во тој временски интервал, двете селекции имаа по шест загубени топки. Во второто полувреме Полска во неколку наврати успеа да избега на два гола позитива. Македонија се враќаше, играше за победа за утеха за домашната публика во Битола која броеше над 3.000 гледачи, но фалеше завршното додавање пред да се постигне гол. Имавме и напад за реми, кое не го искористивме, па Полска казни со експресен гол за потврда на триумфот.
Најдобра кај Македонија на овој меч беше Катерина Дамјановска со пет гола, пред Ива Младеновска со четири гола, додека Саздовска и Јанкуловска погодија по три пати. Кај Полска, Балсам даде седум, а Коблинска погоди пет пати. Македонија заради овој бараж-пораз ќе остане без Светско првенство и по 18 години. Последен пат на светската сцена бевме во 2007 година.

