Македонија потешко од очекуваното ја доби Турција и остана во игра за добар пласман!

Ракометната репрезентација на Македонија до 18 години ја совлада Турција со 29-27 (13-15) во второто коло од разигрувачката група за пласман на Европското првенство во Белград.

Иако важевме за голем фаворит, на стартот подобро отворија Турците. Тие имаа предност од три гола во воведната фаза, последно со 5-8. На тоа следуваше одговор со наша серија од 6-2 за преврт и прво водство (11-10). До полувремето повторно ривалот поведе со три разлика, а на одмор се замина со 15-13. 

Противникот поведе со 16-14 на стартот на вториот дел и тоа беше сè што покажа. Македонија на Горан Кузманоски се наметна, влезе во добра серија и успеа да изгради предност. Највисокото водство го имавме со 26-20, ама на тоа Турците добро одговорија. На крајот победата не беше загрозена, но не беше со висока разлика како што се посакуваше. Лидер на тимот повторно беше Бобан Поповски кој даде девет гола, Горазд Дамчевски заврши со седум, додека кај Турција, Кочдемир и Карабичак дадоа по пет.

Со оваа победа нашата селекција ги задржа шансите да биде меѓу најдобрите второпласирани од трите групи во оваа фаза. За нас е важен исходот во мечот меѓу Чешка и Швајцарија, а најважно е селекцијата победник да не ја надмине нашата гол-разлика која изнесува +12. Пласман во топ 16 е важен поради тоа што носи речиси сигурен пат кон следното Европско првенство.