Македонија поразена и во втората контролка против Романија

Македонската ракометна репрезентација доживеа пораз и на вториот контролен натпревар против селекцијата на Романија, овојпат со резултат 28-24 (15-10).

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа големи проблеми со реализацијата na зицер-ситуациите, што на крајот се покажа и како клучен момент за поразот. Натпреварот започна со подобра игра на Романците, кои имаа водство од 8-4, но потоа Македонија заигра малку подобро и успеа да намали на 8-7. Следуваше лош период за нашите момчиња, а домаќинот го искористи моментот и на полувремето водеше со резултат 15-10. 

Цветан Кузманоски заработи исклучување на стартот од вториот дел, откако при изведување пенал го погоди во главата домашниот голман. Потоа успеавме да намалиме на 16-12, но Романија повторно влезе во посакуваниот ритам и во 39. минута резултатот гласеше 21-16. Марко Митев беше во одличен елемент, изнуди црвен картон и погоди преку „цепелин“ за 21-17, но потоа одново направивме неколку грешки и Романија поведе со највисоки 23-17. 

Имавме шанси да се вратиме во натпреварот и пропуштивме напад за -4, а во овие моменти се истакна голманот Василе, кој му одбрани уште еден зицер на Петар Атанасијевиќ. Македонија сепак успеа малку да ја намали негативата и беше во позиција да дојде на само три гола негатива, но не успеа во намерата и на крајот домашната селекција сосема заслужено извојува триумф со конечни 28-24. 

Најефикасен во редовите на нашата селекција беше Серафимов со пет голови, а по четири имаа Митев и Пешевски. Овие мечеви беа како подготовка за мундијалскиот бараж против Фарски Острови.