• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Словенија (38-27), во четвртото коло од квалификациите за Европското првенство. Натпреварот кој веројатно не смееше да се одигра поради трагедијата која ја погоди Македонија тргна со минута молк. Домашните во салата „Бонифика“ во Копер, беа подобри и на крајот заслужено вторпат нè поразија во овој циклус.
Откако се случи трагедијата РФМ побара од ЕХФ одложување на натпреварот, меѓутоа доби негативен одговор, а доколку тимот не излезеше на терен ќе беше дисквалификуван и казнет.
<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Најтешко интонираната химна во македонската спортска историја!
<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Минута молк за жртвите во страшниот пожар пред мечот во Копер
Околу самиот натпревар, првите голови по емотивната и веројатно најтешка интонација на химната ги постигнаа Јовичиќ и Кузмановски. Потоа домаќините врзаа три гола и поведоа со 4-1, а во следните минути за нашиот тим погодуваа Кузмановски и Пешевски. Се одржуваа Словенците во позитива од три-четири гола, а по две наши промашувања поведоа и со 9-4. Дополнителен проблем беше и повредата на Марко Митев, кој во трк лошо згазна и со носилки беше изнесен од теренот.
<<< - ПОВРЗАНО - Малер уште на стартот: Митев се повреди и на носилки изнесен во Копер (ВИДЕО)
Диктираа домашните темпо и во целост се наметнаа, па во завршницата на полувремето од шест разлика со мини-серија Словенија на пауза замина со водство од 20-12. Во продолжението Македонија уште повеќе заостана и најблизу пријде на „минус осум“, резултат кој беше активен и на полувремето. Во 40. минута од средбата со голот на Чокан домашните првпат стигнаа и до двоцифрени 25-15. Оваа разлика се протегаше до пред завршницата на мечот. Инспирирани од неколку одбрани на Митревски нашите ракометари пак стигнаа до осум разлика (31-23), а потоа противникот врза три гола во низа и пак двоцифрено поведе. Се бореа нашите ракометари и во завршните минути, меѓутоа не успеаја да избегнат двоцифрен пораз.
Најефикасен играч во македонскиот табор беше капитенот Филип Кузмановски со шест погодоци, додека по три имаа Костески, Пешевски, Лазаревски, Серафимов и Павле Атанасијевиќ. Во словенечката селекција лидер беше Алекс Влах со девет реализации. Меѓу голманите домашните беа подобри бидејќи Базник фати осум, а Лесјак три топки. Кај Македонија искусниот Митревски имаше шест интервенции, додека Галевски забележа четири.