• Мартин Танасковски
Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија со победа го отвори настапот на турнирот „Трофеј Македонија“ во Охрид, совладувајќи ја селекцијата на Тунис со 34-27 (15-12). Овој турнир е дел од подготовките за претстојните квалификации за Европското првенство.
- Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Тунис:
Aфриканската репрезентација покажа жилавост и борбеност, но „црвено-жолтите“ ја контролираа играта во најголемиот дел од натпреварот. Селекторот Кристијан Грчевски им даде шанса на сите ракометарки да добијат минутажа, тестирајќи ја нивната форма и подготвеност пред посериозните предизвици.
Македонија најпрво поведе со 11-7 во 22. минута, предност што успеа да ја задржи до полувремето (15-12). На стартот од второто полувреме, нашите ракометарки ја зголемија предноста на 19-14 и потоа рутински ја одржуваа дистанцата, стигнувајќи и до највисоки +7 (31-24) во финишот на натпреварот.
Емилијана Ризоска беше најефикасна во второто полувреме со шест погодоци, додека Катерина Дамјановска се истакна со вкупно шест гола, од кои четири во продолжението. Со оваа победа Македонија најави дека ќе атакува на првото место на турнирот, а во второто коло ќе се соочи со Египет. Во другата средба Тунис ќе игра против Грција.
