Македонија по заверка на мундијалската виза на „Денот на ракометот“

Ракометната репрезентација на Македонија брка заверка на пласманот на шеснаесетти голем собир во низа. Вториот дел од пречката во името на Словачка треба да биде релативно полесен откако славевме со 24-31 на првиот меч од баражот на Светското првенство во Прешов, па сега на домашен терен треба рутински да се заврши задачата. 

Избраниците на Кирил Лазаров на гостинскиот натпревар покажаа дека се фаворити. Нашата репрезентација одигра убедлив натпревар, стекна високо водство уште во првиот дел и покрај тоа што имаше доста промашени зицери. Лидерите беа на нивото, капитенот Кузмановски даде десет гола, Томовски блесна меѓу стативите, а одличен беше и Лазаревски. Сето тоа донесе полесно второ полувреме во кое селекторот им даде шанса и на помладите и ја искористи ротацијата. 

Во Скопје селекцијата предводена од Лазаров врати седум гола предност, која делува премногу за ривал од калибарот на Словачка да може да ја анулира. Сепак, опуштање не смее да има и Македонија мора да ја заврши започнатата мисија од Прешов. Нова победа ќе ги израдува навивачите и ќе биде добра заверка на десеттото светско првенство во нашата ракометна историја. 

Освен ракомет за денес Ракометната федерација на Македонија организираше и дополнителни активности. Пред платото на СЦ „Борис Трајковски“ ќе се организира вистински хепенинг кој започнува пет-шест часа пред натпреварот. Прогласен е „Ден на ракометот“, па ќе има храна и пијалоци, промотивни штандови, терени за мини-ракомет на кој ќе играат најмладите. 

Самиот натпревар стартува во терминот од 19:00 часот, а преостанати во продажба се уште околу 900 билети.