Македонија парираше едно полувреме и одново загуби од светскиот првак

Македонската репрезентација загуби и на второто соочување со Норвешка (32-27) во рамките на ЕХФ Еврокупот. По домашниот неуспех против големиот противник, Македонија немаше сили за изненадување и на денешното гостување.

Нашиот национален тим парираше во првиот дел и на почетокот од второто полувреме. Така некако се одвиваше и првиот судир меѓу овие две репрезентации. Потоа комбинираниот состав на Норвежанките ја направи клучната разлика, со која си обезбеди помирна завршница. Во еден момент на семафорот стоеше 15-15. Од тој момент домаќинот заигра посериозно и ги искористи лошите минути на македонскиот напад.

Во периодот кој следуваше норвешките ракометарки одржуваа неколку гола позитива и го држеа македонскиот тим на пристојна разлика. На десет минути до крајот Љубомир Савевски повика тајм-аут за да ги смири своите избранички во пресрет на финишот. Тоа не промени многу во последните минути, кои фаворитот ги одработи на рутински начин.

Сирум Новак беше незадржлива во норвешкиот состав со девет постигнати гола. Кај Македонија најефикасни беа Дабевска со пет и Ристовска, Гичевска и Јанеска со по четири реализации.