• Иван Димовски
Ракометарките на Македонија претрпеа втор пораз во квалификациите за Европското првенство, откако загубија на првиот домашен меч во Битола од Словенија со убедливи 20-28 (11-12). Средбата во „Боро Чурлевски“ беше слична како онаа во Гумерсбах пред неколку денови, бидејќи париравме и се држевме до 45. минута, а потоа се распаднавме и ривалот тоа знаеше да го казни.
Стартот на средбата им припадна на гостинките кои преку Фегиќ и Абина поведоа со 0-2. Во македонските напади без реализација беа Ангела Јанкуловска, Емилијана Ризоска од седмерец и во два наврати Јована Кипријановска. Првиот наш гол дојдеод вториот удар од седум метри по нешто повеќе од пет минути игра (1-2) преку Кипријановска. Иако Словенките погодија преку Фегиќ, успеавме да врземе три гола преку Јанкуловска, Ивана Џатевска и Ивана Арсениевска за 4-3. Во следните минути погодуваа Ризоска, Ива Младеновска, Ивана Гакидова и Марија Јанкуловска од седум метри, а ние водевме до 8-7. Потоа девојките на Драган Аџиќ врзаа неколку голови и пред паузата поведоа со 9-11. Во финишот на првите триесет минути погодуваа Марија Јанкуловска и Марија Гугуљанова, па на одмор се замина со минимални 11-12 за Словенија.
Отворивме со гол на Сања Дамјаноска за егал (12-12), но на тоа следуваа два гола на Абина за нови „плус два“ за гостинките. Се вративме пак до нерешено (14-14) преку Дамјаноска и Арсениевска, а токму бекот покажа дека е расположена и постигна уште неколку голови. Држевме егал до 15-15, потоа ривалот врза два гола и почна да се наметнува. До средината на второто полувреме Словенија првпат поведе со три разлика (17-20). Дадовме еден гол преку Ангела Јанкуловска, но Фегиќ и Абина ја донесоа гостинската селекција на 18-22 и тоа го натера селекторот Кристијан Грчевски на тајм-аут.
Продолжија Словенките во силен ритам, не помогнаа ниту советите од селекторот и предноста се зголеми. Гостинките имаа серија од 0-8 која конечно беше прекината со голот на Андреа Седлоска по пауза од речиси 13 минути без постигнат погодок на нашата селекција. До крајот Словенија рутински го приведе мечот и впиша победа на гостувањето во Битола
Наша најефикасна ракометарка беше Ивана Арсениевска со четири реализации, додека три гола даде Ангела Јанкуловска. Кај Словенките најдобра беше Нуса Фегиќ со шест погодоци. Моќна партија меѓу македонските стативи имаше Драгана Петковска која собра 12 интервенции.



