Македонија останува без претставник во ЛШ првпат по сезоната 2000/01?

Десет сезони во низа Вардар 1961 учествуваше во Лигата на шампионите, претставувајќи ја Македонија како национален шампион.

„Црвено-црните“ добија забрана од Европската ракометна федерација за учество во групната фаза од елитното натпреварување. Тоа ќе значи дека по една деценија македонскиот гигант нема да биде дел од европската елита.

Моментално нема конечна одлука околу пополнување на празното место кое ќе го остави двојниот првак во Лигата на шампионите. Ако тоа не биде Еурофарм Пелистер, тогаш македонскиот ракомет нема да има претставник во елитното натпреварување првпат по сезоната 2000/01. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе се заложи нашата земја да го задржи сигурното место во групната фаза на Лигата на шампионите, кое му припаѓа заради ранкингот на нашите екипи во последните четири години. Ваквиот статус е различен од клубови кои бараат „вајлд-карта“, бидејќи како и да се вика македонскиот претставник има сигурно место меѓу десетте среќници кои се вметнати во групната фаза заради националниот коефициент. 

Сепак, регулативите на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се контрадикторни, па минатата година „џокер“ ако Вардар 1961 не ги исполнеше барањата беше словенечкиот првак Горење. Сепак, тогаш веќе беа извлечени двојките за групната фаза, а сега не се познати ни шеширите за ждрепката. 

Вардар 1961 има неисплатени долгови кон поранешни играчи, што е причина за оваа одлука на ЕХФ. На последниот состанок на Извршниот комитет беше одлучено дека тимот предводен од Давид Дејвис не ги исполнува критериумите за учество.